Придавки (видови и граматички категории)

Придавките се менливи зборови што именуваат некаква карактеристика на предметите, суштествата и појавите

Придавката ја определува именката, односно ù дава некакво својство (придавање кон именката).

Придавката ги има истите граматички бележја како и именката до која стои.

Видови придавки

slide_3

Придавките се делат на четири основни групи:

  1. Описни или квалитативните придавки означуваат својство што се открива во предметот како таков, без поврзување со некој друг предмет. Овие придавки одговораат на прашањето каков е некој или нешто. Со овие придавки најчесто се означуваат димензии (голем, долг, ситен, широк); вкус (горчлив, лут, кисел, сладок, солен); физички и хемиски својства (кршлив, мазен, отпорен, растворлив, тврд); карактеристики на личност (дрзок, мрзлив, способен);
  2. Односните (релативни) придавки означуваат својства што упатуваат на некој друг предмет – присвојни,  на пр.: галичко сирење, превозно средство, манастирски (се однесува, упатува на манастир) коњ. Во овие придавки најголем број се материјални (волнени, дрвени, стаклена) и присвојни (градска библиотека, работнички дом).
  3. Бројните придавки го означуваат односот на предметите по ред.
    На пр.: прв, втор (коњ).
  4. Заменските придавки се изведени од заменки и многу наликуваат на нив.

Кај заменските придавки разликуваме:

  1. Присвојни;
  2. Со показно и квалитативно значење: количествени, квалитативни, прашални, неопределени и општи.

1.1. Присвојни заменски придавки

мој, моја, мое; мои; наш. наша, наше; наши
твој, твоја, твое; твои; ваш, ваша, ваше; ваши
негов, негова, негово; негови;
нејзин, нејзина, нејзино; нејзини. нивни, нивна, нивни; нивни
како и: свој, своја, свое; свои.

2.1. Заменски придавки со показно и квалитативно значење

ваков, ваква, вакво; вакви
таков, таква, такво; такви
каков, каква, какво; какви;
онаков, онаква, онакво; онакви;
секаков, секаква, секакво; секакви;
некаков, некаква, некакво; некакви;
никаков, никаква, никакво; никакви;
толкав, толкава, толкаво; толкави;
колкав, колкава, колкаво; колкави;
олкав, олкава, олкаво; олкави;
онолкав, онолкава, онолкаво; онолкави;
сиот, сета, сето; сите;
сам, сама, само; сами;
ист, иста, исто; исти;
друг, друга, друго; други.

Придавките ги имаат следните категории: РОД, БРОЈ И ОПРЕДЕЛЕНОСТ.

Родот кај придавките може да биде машки, женски и среден и зависи од именката до која стои. Ако именката е од машки род, тогаш и придавката ќе биде во машки род (добар човек), ако именката е од женски род и придавката ќе го преземе женскиот род (добра жена), а ако е од среден род и придавката ќе биде во среден род (добро дете).

Бројот кај придавките исто така зависи од бројот на именката што ја определува. Придавките имаат еднински форми за машки, женски и среден род и една форма за множина.
На пр: убав, убава, убаво; убави.

Кај граматичката категорија определеност, придавката го презема членот од именката.
Кога имаме определена синтагма (именска група од придавка и именка), го членуваме само првиот збор, односно придавката (не може да се членуваат двата збора, туку само првиот).
На пр.: (вреден) човекот – вредниот човек.

Степенување на придавки

Начинот за изразување во македонскиот јазик на некое својство на некој предмет кое може да биде застапено во помал или поголем степен се вика степенување.

Степенување е карактеристично само за описните и односно квалитативните придавки.

Формите за компарација се:

  1. Позитив – основната форма на придавката (голем).
    На пр.: Скопје е голем град.
  2. Компаратив – форма за споредување на два предмета. Се образува со претставката: по-, која се пишува слеано со придавката (поголем).
    На пр.: Белград е поголем град од Скопје.
  3. Суперлатив – форма за споредување на еден со повеќе предмети. Се образува со претставката: нај-, која се пишува слеано со придавката (најголем).
    На пр.: Скопје е најголем град во Македонија.

Напишете коментар